
Четворица јапонски војници се повредени во експлозија во магацин за складирање неексплодирана воена муниција во американската воена воздухопловна база „Кадена“ на јужниот јапонски остров Окинава.
Според локалните власти, повредените имаат рани на прстите. Тие ги добиле додека работеле во складот, сопственост на префектурата Окинава, каде што се чувале неексплодирана муниција од Втората светска војна, откриена на островот.
Локалните власти соопштија дека повредите на војниците не се опасни по живот.
Обединетиот штаб на јапонските сили за самоодбрана претходно соопшти дека истражува информации за експлозија во воената воздухопловна база „Кадена“, која се случила додека тим од јапонски војници, специјализиран за ракување со неексплодирана муниција, работел близу или во базата.
Стотици тони неексплодирани бомби, повеќето од нив фрлени од американските сили за време на Втората светска војна, се уште се закопани во Јапонија и понекогаш се откриваат за време на градежни работи или други активности.