
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.
Почитувани сограѓани Роми,
Нека ви е и нека ни е честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.
Искрено посакувам да го одбележите овој ден во добро здравје, радост и среќа.
Вие, Ромите, историски и културно сте неразделен дел од македонската држава и општество. Слободата, гордоста и заедништвото се особени вредности на ромскиот идентитет и заслужуваат должна почит.
Нашата заедничка македонска држава, формално-правно е лидер во гарантирањето на малцинските права, во регионални и европски рамки. Но, реалниот ромски живот е далеку од правните гаранции.
Осми април е вистинскиот ден за мерење и преиспитување на квалитетот на животот на нашите сограѓани Роми, во сите области и на сите нивоа.
Еднаш мора да ни стане јасно дека не е доволно да се повикуваме на Шуто Оризари, туку да обезбедиме пристоен живот на Ромите, каде и да се.
Крајно време е да сфатиме дека ромската заедница е најранливата и најмаргинилизираната категорија граѓани, а како таква, заслужува најголемо општествено внимание и заштита.


