Skip to main content
Македонија

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици

19/01/2025  09:20

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.

На овој светол и благословен ден, кога небото се отвора и Божјата светлина се спушта на Земјата, ви го честитам големиот христијански празник Богојавление  ̶  Водици.

Овој празник има длабоко духовно значење и особена симболика во нашата вера. Исусовото крштевање во реката Јордан не претставува само осветување на водата, туку чистење, духовна обнова и нов почеток. Богојавление е ден кога ја чувствуваме Божјата присутност во нашите животи, ден кога со отворено срце ја примаме љубовта и светлината којашто Бог ни ја дарува,  потврдувајќи ја нашата верба во него.

Денес кога го славиме Божјото откровение на Земјата,  ние сме повикани да го покажеме најдоброто и најсветлото на овој свет. Оваа година нека биде година на обнова, љубов и заедништво, со Божји благослов, а овој празник нека биде поттик за сите нас со верба да продолжиме по патот на љубовта и правдата, да бидеме светлина за другите и да градиме поубав свет исполнет со милост и со сплотеност.

Нека ни  е честит и вековит големиот христијански празник Богојавление ‒  Водици.

Бог се јави!