Skip to main content
Скопје

Бујар Османи со меѓународен печат на доверба, по Борел поддршка и од Кулеба

02/09/2025  13:57

Локалните избори во Македонија ретко носат пораки од високи меѓународни функционери. Вообичаено, дипломатската сцена се држи на дистанца од внатрешнополитичките процеси, особено на локално ниво. Токму затоа јавните изјави на Жосеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и поранешниот шеф на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, во кои експлицитно му даваат поддршка на Бујар Османи, претставуваат настан со посебна тежина.

Борел, со кого Османи соработуваше како министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, во својата изјава нагласи:
„Ја имав честа да соработувам со Бујар Османи кога ја водеше вашата дипломатија и кога Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ. Тој е вистински европски политичар кој секогаш дејствуваше со интегритет и одговорност.“ Со ова, Борел не само што го истакнува неговото искуство, туку испраќа порака дека тоа искуство е препознаено на највисоко европско ниво.
Неколку дена подоцна, од Киев пристигна видеопорака од Дмитро Кулеба.

Во неа, украинскиот екс министер зборуваше за личната соработка со Османи во најтешките денови на војната:

„Бујар Османи е мој пријател кој ја водеше вашата дипломатија и го предводеше ОБСЕ за време на македонското претседавање. Убеден сум дека ќе ви служи со највисок квалитет, интегритет и посветеност.“

Кулеба додаде и една лична нота: „Тој е човек кој заслужува доверба. Јас тоа го научив во најтешките моменти на инвазијата.“
Ваквите пораки се необични за една локална кампања и отвораат пошироко прашање: што е тоа што ги мотивира меѓународни личности од овој ранг да зборуваат јавно за кандидат за градоначалник? Еден одговор секако лежи во искуството што Османи го акумулираше како министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, кога Скопје беше центар на клучни дипломатски процеси. Друг, во впечатокот што го оставил како партнер, доверлив, со интегритет и посветен.

Аналитичарите укажуваат дека е тешко да се замисли Борел или Кулеба да дадат јавна поддршка доколку искрено не стојат зад кажаното. Во дипломатијата зборовите се внимателно одмерени, а уште повеќе кога станува збор за личности со глобална видливост. Затоа, ова не е само комплимент кон Османи, туку и индиректна порака за кредибилитетот што го стекнал на меѓународната сцена.
Од перспектива на домашната политика, поддршката од Борел и Кулеба не е пресуден фактор во изборите, но претставува симболички капитал кој тешко може да се игнорира.

Таа покажува дека Османи во изминатите години изгради мрежа на доверба што го надминува тесниот национален контекст. А тоа е реткост кај локални кандидати, кои обично настапуваат со пораки ограничени на инфраструктура и секојдневни услуги.