Skip to main content
Македонија

Бујар Османи: Размислувам за кандидатура за Чаир

07/07/2025  22:51

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, изјави дека сериозно размислува за кандидатура за градоначалник на Општина Чаир, но конечната одлука ќе ја донесе само доколку постои широка поддршка од граѓаните.

„Чаир е многу важна општина за ДУИ и Фронтот. Слушам што велат граѓаните, соседите, луѓето од маалото… Сакам лице в лице да проверам дали постои подготвеност за заеднички потфат, бидејќи овие избори имаат многу поголеми импликации од самите локални прашања“, рече Османи.

Тој откри дека во моментов се прават анкети кои покажуваат добра поддршка за него, но дека не му се важни само бројките, туку и реалната комуникација со жителите на Чаир.

„Чаир е општина што имплодираше и е заложник на една иста лоша политика веќе пет мандати. Ако се донесе одлука, сакам таа да биде заедничка – и ако постои простор за подобрување, ќе ја разгледам таа можност, но сè уште не можам да потврдам дали ќе бидам кандидат“, додаде тој.

На прашањето дали во октомври може да се случи изборна трка меѓу него и Изет Меџити, Османи одговори дека разликата меѓу кандидатите на ВЛЕН (како Меџити или Ганиу) е само формална, бидејќи според него се работи за иста политичка структура и ист стил на владеење кој го довел Чаир до оваа состојба.

Новинарската констатација дека и ДУИ носи дел од одговорноста за состојбата во Чаир, бидејќи до пред две години и Меџити и Ганиу беа дел од партијата, Османи ја отфрли, тврдејќи дека одговорноста е лична и ја носат тие што раководеле со општината.

Во однос на можната блокада за негово ново министерско место, доколку ДУИ биде дел од идната влада, Османи рече дека ДУИ нема да дозволи коалицискиот партнер да диктира кој може или не може да биде министер.

„Не станува збор за мене лично, туку за принципи. Али Ахмети никогаш не би прифатил политички инженеринг од партнер. Албанците избираат свои претставници, а не некој да им ги наметнува. Со тоа се разликуваме од ВЛЕН, кои се сведоа на вазали“, заклучи Османи.