
Во првото предизборно соочување за Чаир на Телма телевизија, кандидатот на Националната Алијанса за Интеграции, Бујар Османи, удри со најтешка политичка артилерија кон својот противкандидат Изет Меџити.

„Има медиумски објави дека топланата е приватизирана и дека во сопственичката структура се најблиските соработници на мојот противкандидат. Затоа велам, во Чаир прво мора да се пресече коренот: приоритет на комерцијалните интереси и корупцијата”, рече Османи.
Тој го опиша начинот на кој се водела општината како приватизациска и клиентелистичка спрега што го гази јавниот интерес во Чаир.
„Чаир може да се среди, има ресурси. Но, тие со години завршувале каде што не треба. Влегувам со чесност, дисциплина и посветеност, како во секоја институција што сум ја водел и излегувам без ниту една дамка”, потенцираше Османи.
Со остар политички тон, Османи отвори неколку прашања што бараат итни одговори:
„Кој и зошто ја приватизирал топланата? Кој профитира додека граѓаните плаќаат високи сметки и дишат загаден воздух? Дали Чаир е заложник на олигархиски кругови блиски до Меџити?”, праша Османи.
Тој најави нулта толеранција за корупција и јавна одговорност.
„Јавно ветувам дека ако за 100 дена корупцијата не се сведе на нула во Чаир, не продолжувам понатаму. Нека пресуди јавноста. Моето име не е валута за нечии договори под маса”, порача Османи.
Во делот за енергетиката, Османи ја поврза темата со пошироката политичка слика за заробени институции.
„Гасификација – да. Модерни и транспарентни системи за греење – да. Но, најпрво мора да ја вратиме контролата кај граѓаните”, рече Османи.
Тој истакна дека од изборите во Чаир не бара ништо за себе, туку Чаир да си ги врати парите, улиците и достоинството.
„Ова не е само кампања, ова е битка против урбаната мафија и клиентелизмот. Ќе ги отвориме сите книги, ќе ги прекинеме уцените и ќе ја вратиме општината на граѓаните. Чаир заслужува воздух, ред и правда, а не приватни монополи и партиски каси”, рече Османи.