
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, најави конкретни решенија за зградите во стариот дел на општината кои имаат проблем со нефункционалните лифтови, како и изработка на проекти за зградите во кои нема лифтови.

„Прашањето на лифтовите им го отежнува животот на луѓето. Вредноста на имотот во зградите кои се без лифтови е значително намалена, особено на горните катови. Луѓето што живеат на последните катови имаат многу мала вредност на своите станови, затоа што никој не сака да купи стан на петти кат без лифт”, рече Османи.
Тој најави дека проектот за поставување и реконструкција на лифтови ќе започне веднаш по изборите и ќе биде поддржан од европски фондови.
„До 85% од трошоците за вакви проекти можат да се обезбедат преку европски фондови, а останатите 15% ќе ги покрие општината”, изјави Османи.
Османи посочи дека решението за лифтовите е дел од неговата поширока визија за создавање функционални, безбедни и енергетски ефикасни згради. Дополнително, преку овие проекти, ќе се зачува автентичниот изглед на стариот дел на Чаир, но и ќе се заштити од понатамошна узурпација.
„Со уредени фасади и нови лифтови, Чаир ќе добие нов лик и нова вредност. И се обврзувам дека нема да дозволам да се уништи ниту еден сантиметар од тоа зеленило, од тие отворени простори, од тоа наследство во кое живеат луѓето во стариот Чаир. Напротив, ќе го уредиме тој дел”, рече Османи и додаде дека оваа идеја му ја предлагал и на тогашниот градоначалник.