
Министерството за надворешни работи на Бугарија реагираше на, како што ги оцени, „навредливите, неприфатливи и непријателски“ изјави од страна на македонските политичари, откако бугарскиот амбасадор, Жељаско Радуков, беше повикан во Министерството за надворешни работи.

Повод за тоа беше употребата на придавката „северномакедонски“ во обраќањето на бугарскиот пратеник Георги Горгиев за премиерот, Христијан Мицкоски.
Во реакцијата, бугарското МНР наведува дека амбасадорот изразил изненадување од неговото повикување, со оглед на, како што се наведува, „непријателските пораки и постапки“ од македонски владини претставници во последните месеци. Според нив, во јавниот дискурс систематски се покажува „недостаток на почит кон Бугарија“.
Од Софија истакнуваат дека е неприфатливо земја која, како што наведуваат, „постојано дава реална и несебична помош“, да биде нарекувана „непријателска“, особено во момент кога бугарски пожарникари интервенираат во Крива Паланка за гасење пожари.
Македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осуди навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.
Во врска со ова, Министерството вчера го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.
Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер. Тој, исто така, кажа дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.