
Европската комисија и Европската централна банка (ЕЦБ) конечно да го дадат „зелено светло“ за пристапување на Бугарија во еврозоната на 1 јануари 2026 година.
Пристапувањето на Бугарија во еврозоната ќе ѝ помогне на земјата да ја зголеми трговијата со остатокот од блокот, да ги намали трошоците за трансакции и да го зајакне своето влијание во Брисел.
Со децении, левот, локалната валута – беше врзан за еврото, но земјата немаше право на глас во одлуките за монетарната политика на ЕЦБ бидејќи не беше членка.
Доколку Бугарија се приклучи на единствената валута како што е планирано во 2026 година, гувернерот на бугарската централна банка ќе добие формално место во Управниот совет на ЕЦБ. Сепак, како само 13-та најголема членка на Унијата, со удел помал од 1 процент од бруто домашниот производ, нејзиното влијание во Советот ќе биде ограничено.
За да се приклучи на еврозоната, просечната стапка на инфлација во Бугарија од април 2024 до април 2025 година мора да биде во рамките на 1,5 процентни поени од стапката на инфлација на трите земји од ЕУ со најниска инфлација, објавува Политико. Во 2024 година, тоа беа Ирска (1 процент), Италија (1,4 проценти) и Луксембург (1,6 проценти).
Инфлацијата во Бугарија се намали од 4,7 проценти во 2023 година на 2,6 проценти во 2024 година. Но, се очекува да се зголеми на 3,6 проценти оваа година – далеку над стапката на еврозоната од 2,1 процент за 2025 година – главно поради зголемувањето на ДДВ за многу производи на почетокот на годината.