Skip to main content
Македонија

Буџетски пари не се придонеси: време е за фер пресметка на пензиите

13/03/2026  11:03

Пишува: Мирослав Трлин, димпломиран економист во пензија

Пензиите одамна се тема која ги допира сите – и младите кои допрва ќе се пензионираат, и сегашните пензионери кои го поминале целиот работен век создавајќи вредност за државата. Затоа е важно да зборуваме јасно, човечки и искрено за тоа како всушност се финансираат пензиите и зошто денес има проблем што никој јавно не го отвора.

Во Македонија пензискиот систем е замислен едноставно: секој работник плаќа придонеси од својата плата, а тие средства се наменски – тие пари не се данок, туку приватна уплата за идната пензија. Но денес, придонесите покриваат само околу две третини од вкупните потреби за исплата на пензии. Недостигаат милијарди денари, и државата тој недостиг го надополнува со пари од Буџетот. Тоа сами по себе се средства што доаѓаат од сите граѓани: од ДДВ, акцизи, даноци, такси – од целата економија. И токму тие пари немаат ист карактер како придонесите. Тие се социјални средства, создадени како државна помош, а не како индивидуална уплата од труд.

И тука се појавува суштинскиот проблем за кој никој не сака гласно да зборува: кога ќе се измешаат средствата од придонеси со средствата од буџет, државата ги дели сите заедно – процентуално. Тоа значи дека и парите што се дадени како социјална помош, се распоредуваат исто како и средствата што некој ги уплатил од својата плата. А дали е тоа правично? Не е.

Зашто сите знаеме дека социјалните средства не смеат да создаваат разлики меѓу луѓето, туку да ги ублажуваат. Тоа е нивната цел. Придонесите се приватна уплата – и логично е тие да создаваат разлики, бидејќи човек што 40 години работел на висока плата не може да има иста пензија со оној што работел на минимална. Но кога во системот се внесуваат буџетски пари, тие не носат никаква индивидуална историја. Тоа се државни пари што треба да помогнат социјално – и токму затоа е правично тие да се делат еднакво за сите пензионери, а не процентуално. Со други зборови, кога ќе се измешаат двата вида средства и државата продолжува да ги дели процентуално, тогаш пензионерите со повисоки пензии добиваат повеќе пари и од буџетот, а пензионерите со пониски пензии добиваат помалку. Тоа создава формула која го казнува сиромашниот, а дополнително наградува оној што секогаш имал повеќе. Ова не само што е неправично, туку не е ниту логично, ниту етички оправдано.

Во уставно-правна смисла, ова е проблем затоа што државата меша два извори со различна природа, а ги дели по правило што важи само за едниот. Тоа ја крши правичноста, социјалната логика, принципот на еднаквост и основното начело на владеење на правото. Државата мора да прави јасна разлика: едно е придонес, друго е социјална поддршка. Не може даночните пари на граѓаните – парите од ДДВ, акцизи, вработени и невработени, млади и стари – да се делат според логика на труд и плата. Тоа е мешање што ги нарушува основните правила на социјалната држава.

Словенија и Србија нудат интересна споредба. Во Словенија, усогласувањето на пензиите се применува еднакво за сите корисници, без разлика дали живеат во државата или надвор, и јасно се гледа кој дел од пензијата доаѓа од придонеси, а кој од државна помош. Во Србија, иако системот не е поврзан со ЕУ фондови, средствата исто така се јасно разграничени според изворот – придонесите и буџетската поддршка се следат посебно, што дава поголема транспарентност и фер распределба. За разлика од тоа, кај нас се мешаат и нема јасна граница, што создава системска неправда.

Затоа е време да се постави јавно прашањето: дали е правично и уставно државата да ги дели буџетските средства за социјална помош со истата формула како приватните придонеси? Зашто ако нешто е социјално – треба да важи за сите еднакво. Ако е приватно и индивидуално – тогаш процентуалната логика е соодветна.

Проблемот денес не е што буџетот помага. Туку што државата не прави разлика меѓу тоа што е помош за сите и тоа што е право стекнато од труд. Тоа создава систем што изгледа праведен на хартија, но во реалноста ги продлабочува разликите. А вистината е дека никој пензионер не сака да живее на туѓ грб, но секој пензионер заслужува фер третман. И тоа не е политика, туку човечност.

Ова прашање е важно не само за пензионерите, туку и за младите генерации кои треба да знаат дека во каков систем ќе влегуваат утре. Државата мора да создаде јасни правила: која сума е од придонеси, која е од буџет, како се дели едното, како се дели другото. Само така ќе имаме транспарентност, правичност и доверба.

Пензиите не се бројки, туку живот на луѓе. И додека ги мешаме парите, ги мешаме и правата. А кога правата се измешани – неправдата најлесно се протнува.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.