Skip to main content
Скопје

БРТ е единственото решение за брз и ефикасен превоз во Скопје, смета Шукова

10/09/2025  18:38

Во интервју за порталот Рацин.мк кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова истакна дека Бас Рапид Транзит (БРТ) системот е единственото решение за воведување на брз, современ и ефикасен јавен превоз.

Таа додаде дека за реализација на ова решение има готов проект, има обезбедено средства и дека треба да се почне со негова реализација.

„Станува збор за две линии. Првата линија е од Ѓорче Петров преку Центар до Аеродром и Ново Лисиче и тоа линијата исток-запад. Втората линија треба да биде север-југ. За првата линија се поминати сите постапки. Вклучително и постапката за оценка на влијание врз животната средина, вклучувајќи ги економските и социјалните аспекти. Значи, за кратко време имате проект, имате целосна документација и имате обезбедени пари. 40 милиони се за првата траса. Значи, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче“ истакна Шукова.

Според неа, за година и половина возможно е да се воспостави трасата исток – запад.

„Крајот на 2028 година, по мене, најреално може да ја имаме првата линија. Таа е 12 километри. Има 21 постојка и некаде околу 29 или 30 автобуси кои што ќе возат на 3 до 4 минути. Можете да замислите колку брз превоз е тоа. И тоа ќе биде централна линија која ќе ги прифаќа останатите автобуси кои ќе доаѓаат, кои нема да бидат делот БРТ, туку ќе бидат останати автобуси кои ќе морат да бидат еколошки, така што дел од флотата, на ЈСП и на приватните превозници ќе мора да се обнови со нови автобуси. Значи таа линија ќе биде централна и сите ќе доаѓаат фактички до централната линија и оттука ќе биде трансферот на патниците. Проценетата бројка за трансфер на патници е некаде околу 60 до 65,000 патници дневно што е значителна бројка за Град Скопје“ порача Шукова.