Skip to main content
Свет

Бројот на повредени во нападот на проеврејски митинг во Колорадо се зголеми на 12

03/06/2025  08:27

Бројот на повредени лица во нападот врз произраелскиот митинг во западната американска држава Колорадо се зголеми од 8 на 12, бидејќи беа идентификувани уште четири жртви, соопштија органите за спроведување на законот во понеделник, пренесува ДПА.

Дополнителните четири жртви претрпеле полесни повреди, поради што не биле вклучени во првичните извештаи. Две од нив остануваат во болница и се лекуваат, наведуваат локалните  власти.

Осомничениот напаѓач во неделата ги нападнал демонстрантите во градот Болдер, кои се собрале за да ја покренат свеста за израелските заложници што сè уште ги држи палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа. Некои од повредените наводно имале над 80 години.

Белата куќа вчера нападот во Колорадо го оцени како „неприфатлив“ и нагласи дека тоа е делумно последица од имиграциската политика на поранешниот претседател Џо Бајден.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во краток разговор со новинарите во Белата куќа, го изнесе ставот на администрацијата за нападот во Болдер и рече дека тој, заедно со неодамнешното убиство на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон, е „неприфатлив“ за претседателот Трамп.

-Евреите низ целата наша земја можат да бидат сигурни дека овој претседател ги штити. Тој нема да дозволи никому да учествува во насилен тероризам, рече таа.

Официјални лица наведуваат дека осомничениот, 45-годишниот Мохамед Солиман, имал истечена  виза и дека поднел барање за азил во САД.

Нападот се случи во трговскиот центар „Перл Стрит“, популарна пешачка шопинг зона во близина на Универзитетот во Колорадо, за време на настанот „Трчај за нивните животи“, посветен на привлекување внимание кон заложниците земени откако Хамас го нападна Израел во 2023 година.

Осомничениот бил приведен на местото на настанот, потсетува ДПА.

-Сведоци за Федералното биро за истраги (ФБИ) изјавија дека напаѓачот користел импровизиран фрлач на пламен, фрлил запаллива направа во толпата и извикал „Слободна Палестина“, изјави специјалниот агент на ФБИ, Марк Михалек, на прес-конференција во неделата.

Полицијата во Болдер соопшти дека по нападот полицајците пронашле уште 16 неискористени Молотови коктели.

Мажот вчера за нападот беше обвинет и за федерално злосторство од омраза, покрај тоа што се соочува со обвиненија за обид за убиство на државно ниво во Колорадо, наведе американското Министерство за правда, потсетува ДПА.