Skip to main content
Магазин

Британска студија: Зголемен број случаи на меланом, кај мажите најчест на торзото, кај жените на нозете

07/07/2025  16:26


Најновата анализа на Британскиот центар за истражување на ракот (CRUK) предупредува на значително зголемување на бројот на случаи на меланом во Обединетото Кралство во 2025 година. Според податоците, ракот на кожа се појавува почесто кај мажите во пределот на градниот кош, грбот и стомакот, додека кај жените најчесто се дијагностицира на долните екстремитети – од колковите до стапалата.

Како што пренесува лондонскиот Гардијан, кај мажите дури 3.700 случаи годишно (четири од 10 случаи) се јавуваат токму на торзото, додека кај жените околу 3.200 случаи се лоцирани на нозете. Овие разлики се поврзуваат со навиките на изложување на сонце – мажите почесто се сончаат без горна облека, додека жените носат кратки здолништа и шорцеви при потопло време.

Загрижувачки се и податоците за влијанието на УВ зрачењето – според CRUK, дури 87 проценти од случаите на меланом се предизвикани од прекумерна изложеност на сонце или вештачки УВ извори. Годишно, околу 17.100 луѓе во Велика Британија заболуваат од рак на кожа.

Минатата година е забележано рекордно зголемување на новодијагностицирани случаи – кај лица над 80 години тоа изнесува 57 проценти, а кај популацијата на возраст од 25 до 49 години, седум проценти.

Директорката на Центарот, Мишел Мичел, апелира до граѓаните да не ги игнорираат промените на кожата, особено појавата на нови бенки или промени во нивната боја и големина. Таа истакнува дека раната дијагноза значително го зголемува успехот на лекувањето и повикува на редовни дерматолошки прегледи и одговорно однесување при изложување на сонце.