
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба во канцеларијата на Chevron Corporation во Вашингтон, посветена на унапредување на енергетската соработка и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG).
На состанокот, покрај присутните во Вашингтон, онлајн се вклучија водечки претставници на компанијата , од различни делови на светот, вклучително и од Пекинг и Мадрид, што ја потврдува сериозноста и глобалната тежина што „Chevron“ ја дава на потенцијалната соработка со Северна Македонија.
Од страна на Шеврон , на состанокот учествуваа Брајан Еснер, генерален менаџер за LNG Origination, кој зад себе има повеќе од 25 години искуство во глобални енергетски проекти, како и Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи.
На состанокот министерката Сања Божиновска, ја придружуваа Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС кој се дел од македонската делегација во Вашингтон.
Разговорите беа фокусирани на клучни теми за енергетската иднина на државата, вклучително и диверзификацијата на снабдувањето со нафта и течен природен гас, можностите за влез и поголемо присуство на американски нафтени компании на македонскиот пазар, зајакнувањето на стабилноста и конкуренцијата, како и унапредувањето на енергетската безбедност. Дополнително, беа разгледани и потенцијалите за понатамошен развој на енергетскиот сектор преку нови инвестиции и партнерства.
Министерката Божиновска истакна дека Македонија е отворена за нови партнерства кои ќе донесат сигурност во снабдувањето и ќе создадат поконкурентен пазар.
Средбата со „Chevron“ претставува значаен чекор во позиционирањето на земјата како сериозен партнер во регионалната и глобалната енергетска мрежа, со јасен фокус на долгорочна стабилност и стратешка диверзификација.

