Skip to main content
Економија

Божиновска учествува на состанокот на министри за економија од Берлинскиот процес

16/10/2025  17:33

Берлинскиот процес претставува значајна платформа за соработка меѓу земјите од Западниот Балкан и европските партнери, со цел унапредување на регионалната интеграција, економски раст, подобрување на инфраструктурната конективност, како и приближување кон стандарди на Европската Унија.

Еден од централните фокуси на состанокот е спроведувањето и унапредувањето на Акцискиот план за Заеднички Регионален Пазар (Common Regional Market 2025-2028), кој е клучен инструмент за остварување на слободен проток на стоки, услуги, капитал и работна сила во регионот, како и за поттикнување на конкурентноста и економската конвергенција со ЕУ.

Други важни теми на состанокот се:

• Поттикнување на инвестициите, особено во зелени и дигитални сектори;

• Јакнење на регионалната инфраструктура и поврзаноста помеѓу земјите (транспорт, енергетика, дигитална конективност);

• Поддршка за реформски процеси, приближување кон ЕУ-регулативите и стандардите, со што се овозможува појасен и поодржлив пат кон евроинтеграцијата.

Министерката Божиновска, од името на Република Македонија, ја потврдува нашата посветеност за активен ангажман во сите механизми на Берлинскиот процес, како и во рамките на Заедничкиот Регионален Пазар. Нашата цел е да обезбедиме дека националните интереси и приоритети се инкорпорирани, дека реформите се спроведуваат по план, и дека придобивките од регионалната интеграција се почувствуваат од сите граѓани.

Воедно, овој состанок претставува можност за размена на искуства, зајакнување на партнерствата, како и координација со меѓународни финансиски институции и други партнери кои можат да дадат поддршка за проекти што носат конкретни резултати.

Наша заложба е овие иницијативи да се реализираат во конкретни политики и проекти, со транспарентност, ефикасност и фокус на одржлив развој.