
Унифициран колективен договор според кој ќе биде иста почетната нето плата на докторите од другите градови и од Скопје, запирање на дефицитот на здравствениот кадар кој од внатрешноста доаѓа во Скопје, како и зголемувањето на платите на вработените во здравствениот сектор, бара Независниот синдикат на здравствените работници. За овие барања, претседателот на Синдикатот, Боби Бојчевски денеска разговарал со министерот за здравство Азир Алиу.
-Нашето барање како синдикат е да има унифициран колективен договор, според кој гинеколог од Струмица ќе зема иста почетна нето плата со гинеколог од другите градови и од Скопје, бидејќи нето платата на еден гинеколог е различна во Струмица и во Скопје, рече Бојчевски.
Посочи дека второ прашање за кое разговарале е да се стопира дефицитот на овој кадар од внатрешноста, кој доаѓа во Скопје. Другите прашања, потенцира, беа во врска со зголемувањата на платите на вработените во здравствениот сектор кои треба да се реализираат во наредните месеци. Појасни дека според тоа што лани било потпишано со претседателот на Владата и со министерот за здравство, за четири години треба да има 40 до 50 отсто зголемување на платата на вработените во здравствениот сектор.
-Трето прашање е дефицитот на кадар и решавање на статусот на овие договорци на дело, бидејќи во здравството моментално има дефицит на здравствен медицински персонал, административен и технички персонал. Треба во побрз временски период да се средат овие работи, рече Бојчевски и се заблагодари за транспарентноста на министерот за здравство.
Потенцира дека се надеваат дека здравството ќе се мрдне од точката во која се наоѓа.
-За жал за вработените во здравствениот сектор, полицијата и образованието не е усогласена минималната плата со бодот со колективните договори. Кај нас ако дојде до зголемување на минималната плата како што се бара, ќе се случи хигиеничар да зема поголема плата од дипломирана медицинска сестра, бидејќи не ни се усогласени платите со колективните договори. Тоа е грешка на претходните синдикати кои договарале, преговарале во здравствениот сектор, истакна Бојчевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека просечната плата на општ доктор е 45 илјади, а со дежурство стигнува до 50 илјади денари.
Посочи дека ќе имаат уште еден состанок идната недела со министерот за здравство, на кој ќе стане збор во врска со истите барања.
