
Поранешниот градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, вечерва гостуваше во подкастот „На претрес кај Ландов“, каде отворено говореше за состојбите во општината, актуелната локална власт и партиските случувања во СДСМ.
Богдановиќ прогнозира дека актуелниот градоначалник Горан Герасимовски ќе го загуби мандатот на претстојните локални избори. Како главна причина ја посочи внатрепартиската изолација на структурата што, според него, донела победи на СДСМ во Центар.
– Ќе изгуби затоа што по 2021 година, таа структура која носеше позитивни резултати во Центар за СДСМ е тргната на страна. Многу луѓе се дистанцирани благодарение на Горан Герасимовски, нема луѓе. Дополнително на тоа, има негатива од 6.300 гласа за него од претходните парламентарни избори 2024 година – истакна Богдановиќ.
Тој нагласи дека не е лут на партијата, туку дека само укажува на реалната состојба. Негираше дека молчел додека бил градоначалник, додавајќи дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, бил човекот кој го тргнал од политиката и не му дал шанса за втор мандат.
Богдановиќ со оваа изјава дополнително ја отвора внатрепартиската дебата во СДСМ, во пресрет на новиот изборен циклус.