
Со претставата „Црно семе“ на Битолскиот народен театар видовме одлична театарска поставка на класичниот, антологиски текст од македонската литература. Претставата одлично комуницираше со публиката и театарот докажа дека е волшебна уметност, беше речено на денешните разговори за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар, втора во официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

-Има моќна карактеристика кога е во прашање колективната театарска игра. Во импозантноста на сцената многу придонесоа светлото, музиката и сценографијата, рече Александар Војнески, модератор на Разговорите.
Режисерот Андреј Цветаноски не двои на класичен или современ начин на поставувањето на антологискиот текст на Ташко Ѓеоргиевски, за него е најбитен начинот да се дојде до вистината.
-Иако дејството се случува 1947 година има доволно современ контекст. Тој колективен прогон на индивидуалните судбини за мене беше клучен во претставата. И иако играта е колективна, има индивидуални улоги, судбини кои, сепак, целосно не отскокнуваат, рече Цветановски.
Актерот Мартин Мирчевски кој го толкува ликот на Андон нагласи дека не се осмелил да прави споредба со култниот филм „Црно семе“. А театарот или го доживуваш или не.
-Филмот е антологија. Кај нас, во претставата, целиот процес стана многу спонтан, се роди енергија. Не ги сфаќам потребите за класификација. Сакам театарот да ме возбудува во работата. Театарот или го доживуваш, или не, рече Мирчевски.
Присутните на разговорите го нагласија еден од навпечатливите сценски изрази во претставата – појавата на Ангелина, жената на Андон. Даде најтопла естетика и поетика, беше како најзрела симболика во претставата.
– За мене е одлично да се воведе лиричен момент. И како што рече Мартин, театарот или го доживуваш или не. Контра тежа има музиката која е добро вплетена, рече уметничкиот директор Ана Стојаноска.
Актерката Марија Цветановска објасни дека првпат игра таков лик кој, во суштина не е жив лик, туку појава.
-Цело време како да работев за главниот лик, Андон. Му зборував, го охрабрував, го потсетував на важните нешта, рече Цветановска.
За присутните на Разговорите претставата „Црно семе“ беше комплетно режисерско, актерско, сценско доживување.
Веднаш по разговорите за претставата беше промовирана и монографијата за 80 години народен театар Битола што ја приреди Иван Додовски. Монографијата на впечатлив начин го следи секој факт и момент од почетоците на Битолскиот театар со првата претстава на македонски јазик во 1944 година па се до денес.
-Монографијата треба да биде поттик за нови времиња, за нови хоризонти, рече Додовски.
Денешниот трет фестивалски ден на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се одржаа и редовните теми: „Детската зона“ од 10 часот на платото пред Градскиот саат. Од 11 часот „Драмолетање“ во салата од киното „Мис Стон“.
Од 17 часот во киното „Мис Стон“ е проекцијата на документарните филмови на прилепскиот драмски автор Благоја Ристески Платнар.
Од 19 часот е третата претстава во конкуренцијата за награди. На големата сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ штипскиот театар ќе ја изведе претставата „Сите прекрасни нешта“, а од 21 часот е отворањето на Музејот во движење „Прилеп во фокусот“.