Skip to main content
Македонија

Бочварски: Тошковски требаше да поднесе оставка за трагедијата во Кочани

16/04/2025  13:14

Не навлегувам во тоа кој и дали е одговорен од кривичен аспект за трагедијата во Кочани, но има сериозни аргументи зошто Тошковски требаше да поднесе оставка по една ваква трагедија, од морални причини, рече пратениот на СДСМ, Благој Бочварски во емисијата „Објектив“ на МТВ.

Јас сум крајно внимателен и не навлегувам во тоа кој и дали е некој виновен од целата постапка, за тоа одговорот го има обвинителството. Но има сериозни сериозни аргументи зошто министерот за внатрешни работи треба да се повлече од таа функција и тоа токму поради прашањето на превенцијата којашто требала МВР како институција требала да ја направи таа кобна ноќ во дискотеката, додаде тој.

– Таму имало голем број млади луѓе, собир со преку 600 луѓе таму и сите прашања што се поставуваат дали требало полицијата да контролира, да влезе, да се направи рација, да се провери што всушност таму се случува во тој локал, колку е бројот на луѓе, дали е толку дозволено да се примат во локал и многу други прашања и од овде произлегува дискусијата во насока на одговорност на оние коишто таа ноќ биле на секторите, пониските ешалони на МВР и зошто постапиле или не постапиле. Но тука е прашањето и за морална одговорност, рече Бочварски.

Тој истакна дека не може да се зборува за некој што контролирал или не контролирал во минатото, а да не се зборува за некој дали контролирал, предвидел направил план како институција што ја има таа надлежност во државата да го направи, да превенира и да се спречи тоа да се случи.

– Се чувствува и во јавноста и меѓу граѓаните и кај нас во СДСМ провејува дека се води селективна истрага за трагедијата во Кочани особено што не се опфатени оние луѓе коишто тој ден, на таа кобна вечер биле на своите позиции во МВР, истакна Бочварски.