
Околу 200 граѓани од ромска националност денеска го блокираа патот Ресен–Битола, кај месноста позната како Ромска населба, во знак на протест поради измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила.
Сообраќајот на оваа делница е целосно прекинат, откако демонстрантите запалија повеќе гуми и ги поставија на коловозот. На местото на настанот се присутни полициски екипи кои ја следат состојбата и преземаат мерки за одржување на јавниот ред и безбедноста.
Според информации од терен, причина за револтот кај граѓаните е одземањето на неколку возила во согласност со новите законски одредби, кои предвидуваат построги санкции за тешки сообраќајни прекршоци, вклучително и можност за трајна конфискација на возилата.
Учесниците во протестот бараат преиспитување на законските измени и итно решавање на проблемот со одземените возила, оценувајќи дека мерките се престроги и со сериозни последици врз нивната егзистенција.
