Skip to main content
Магазин

Блокадата на Регионалниот парламент на Брисел инспирација за нова видеоигра

08/01/2026  21:56

Ќорсокакот во кој се наоѓа Регионалниот парламент на Брисел, кој 19 месеци по изборите во 2024 година не може да постигне договор за формирање нова Влада, беше инспирација за Симон Лалеман за изработка на видеоиграта „Фатална формација“.

На овој начин Лалеман сака да го изрази својот протест поради застојот во преговорите меѓу политичките партии за формирањето регионална влада.

– Седум преговарачи. Еден домар. Вашата коалиција, вака Лалеман ја објаснува својата игра.

Главен лик во играта е фиктивниот 62-годишен домар на Бриселскиот парламент, Сва Сервранкс. Но, неговиот работодавец повеќе не ги плаќа сметките, надворешните фирми ангажирани во Парламентот ги нема повеќе, а Сервранкс не може да земе ниту одмор додека не се формира влада.

– Само со крпа и Нокиа 3310, тој мора да издејствува постигнување коалиција од зад кулисите, се додaва во најавата за играта.

Сегашниот формат е само демо верзија, а Лалеман најавува дека целосната верзија на играта ќе биде достапна во текот на оваа година.

– Се надевам дека партиите ќе бидат побрзи од мене, забележа Лалеман.