Skip to main content
Македонија

„Блокадафест“ пред Усје – Осум часа музика и протест за чист воздух

26/02/2026  11:46

Иницијативата „Стоп за Усје“ ја објави целосната програма за утрешниот „Блокадафест“, кој од 15 до 23 часот ќе се одвива пред влезот на Цементарница Усје во Скопје. Настанот е замислен како осумчасовен протест исполнет со музика, пораки и граѓанска солидарност, со јасна цел – притисок врз институциите и менаџментот на фабриката за, како што велат организаторите, заштита на уставно загарантираното право на чист воздух.

„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: диџеј Александар Јорданов, диџеј Чваре, диџеј Ендрју Мелер, ‘Новиот Почеток’, ‘Хајка’, ‘Луфтханза’, ‘Животни’, ‘Големата вода’, диџеј Базел, диџеј Емили Нас, Дина Јашари, ‘Член 164’, Зарина Првасевда и ‘Корка’“, стои во најавата.

Од „Стоп за Усје“ велат дека поддршката од музичарите е доказ дека ова не е изолиран протест, туку „заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“.

‘Блокадафест’ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија. Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен, се наведува во соопштението.

Иницијативата и претходно во повеќе наврати ги истакнуваше своите барања, оценувајќи дека институциите остануваат глуви на нивните апели. Меѓу клучните барања се ставање во функција на мерната станица во Кисела Вода, инсталирање автоматски CEMS систем за континуирано мерење на емисиите од оџаците на фабриката, како и премин кон почисти енергенси во производниот процес – природен гас или водород.

Еко-активистите бараат и ревизија на мерките за прогласување вонредна еко-состојба, усогласување на граничните вредности за опасните честички и супстанции со препораките на Светската здравствена организација, како и акредитација на државната лабораторија за мерење на загадувањето.

Со „Блокадафест“, организаторите порачуваат дека протестот може да биде и културен настан, но и силна порака дека граѓаните нема да се откажат од барањето за почиста животна средина.