Skip to main content
Македонија

Блажевски: Изгубивме четири години во празни зборови и без ниту еден проект, време е да си го вратиме Јегуновце

12/10/2025  09:28

„Четири години изгубивме во празни зборови. Време е да се вратиме на реална работа и вистински проекти,” порача од трибината во Јегуновце кандидатот за градоначалник на СДСМ, Дарко Блажевски.

Тој го критикуваше актуелниот состав на локалната власт за целосно потфрлање во извршувањето на обврските и нереализираните ветувања во изминатите четири години.

„Од 2021 до денес, не видовме ниту еден нов, сериозен проект. Нема индустриска зона, нема канализација во ниту едно село, нема пат до манастирот во Вратница, ниту инвестиции во развој. Актуелната власт не само што не реализираше ништо свое, туку се обидуваше да си припише проекти што ние ги започнавме во нашиот мандат,” истакна Блажевски.

Тој нагласи дека мерилото за успех се конкретните дела, а не празните ветувања, по кои се познати ВМРО-ДПМНЕ.

„Како градоначалник од 2017 до 2021 година, заедно со граѓаните реализиравме над 80 конкретни проекти, и секој проект го реализиравме во директен разговор со граѓаните. Работевме тимски, транспарентно, чесно и посветено,” додаде тој.

Блажевски повторно ја побара довербата од граѓаните, најавувајќи дека со повеќе искуство и нова визија ќе го врати Јегуновце на граѓаните.

Во својата изборна програма, Блажевски најави реални и остварливи проекти за наредниот мандат, со фокус на модерна канализациска и водоводна мрежа, чиста животна средина, отстранување на диви депонии, унапредување на условите во училиштата и спортскиот живот на младите, јавен транспорт, велосипедски и пешачки патеки, дигитална и ефикасна администрација, поддршка за младите брачни парови и подобро домување, добро осветлени улици, безбедност и соработка со полицијата, како и зголемена партиципација на граѓаните преку јавни трибини и совети.

„Јас не ветувам сè, но она што ќе го ветам, ќе го испорачам. Не доаѓам со политика, туку со проект. Со искуство, визија и енергија. Да не дозволиме уште четири изгубени години. Да го изградиме Јегуновце во кое секој има еднаква шанса,” порача Блажевски.