Skip to main content
Спорт

Бизнисот на стартна линија во Скопје

03/06/2025  09:14

На 12 јуни 2025 година (четврток), Скопје ќе биде домаќин на еден од најголемите корпоративни спортски настани во земјата – Croatia Osiguruvanje Business Run 5K. Трката ќе започне во 18:00 часот, со стартна позиција кај Acibadem Sistina Hospital и Premium Sport Center, а патеката од 5 километри ќе се движи покрај кејот на реката Вардар.

Овој спортски настан, наменет за вработени од компании, институции и организации, претставува уникатна можност за зајакнување на тимскиот дух, дружење надвор од канцеларија и споделување на заедничка, позитивна и инспиративна енергија. Трката е дел од регионалната Adria Corporate Run League, која ги поврзува корпоративните заедници од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска. Победничкиот тим од Скопје ќе добиe можност да ја претставуваат Македонија на регионалното финале.

Целиот настан ќе започне од 16:00 часот, со подигнување на стартните пакети и организирано загревање. Учесниците ќе добијат стартен пакет со официјална маичка, медал, освежување и оброк. По завршување на трката, предвидена е забава со настап во живо од бендот The Ringtones и сет на DJ Vito, како и богата понуда на храна и пијалаци.

Пријавувањето е преку официјалната веб-страница www.prvdovrv.mk/business5k. Рокот за пријавување е 6 јуни 2025 година. Бројот на учесници е ограничен.

Право на учество имаат тимови составени од вработени во компании, институции, организации, здруженија, дипломатски претставништва и други деловно-општествени субјекти. Тимот мора да брои најмалку три члена, без ограничување на максимумот, при што најмалку едно лице мора да биде од спротивен пол. Рангирањето се врши според вкупното време на тројцата најбрзи членови од тимот, при што е задолжително барем едно од нив да биде од друг пол.

Настанот го организира Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, со поддршка на Croatia Осигурување и Acibadem Sistina.