Skip to main content
Македонија

Битиќи: Скандалот со европските пари ја оголи ранливоста и коруптивната пирамида на ВМРО-ДПМНЕ

14/11/2025  22:10

Корупцијата во Македонија повеќе не е тема за озборување, туку реалност која конечно се докажува со конкретни случаи, вели пратеникот и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи во интервју за магазинот „Трилинг“. Според него, општеството предолго зборувало за „хронична корупција“ без да види вистински резултати и санкции, но најновиот скандал во платежната агенција покажува дека работите конечно се движат.

„Првпат имаме пример каде што не е веќе озборување, туку на дело фатени одредени луѓе кои се дел од коруптивна зделка. Обвинителството мора веднаш да постапи и да докаже дека не е само еден случај. Инаку, сите разговори за корумпирани институции паѓаат во вода“, вели Битиќи.

Тој предупредува дека откриениот криминал околу европските пари ја открива ранливоста не само на владејачката структура на ВМРО-ДПМНЕ, туку на целиот систем на поставување кадри во државата.

„Корупцијата е системски проблем, не е само на поединци. Но бидејќи Владата дојде на власт со ветување дека ќе се бори против криминал, мора многу брзо да го докаже тоа. Најдобриот доказ би бил промена на Кривичниот законик, согласно препораките на Европската комисија“, нагласува тој.

Во врска со скандалот со ИПАРД фондовите, Битиќи предупредува дека нерешавањето или одолговлекувањето може да предизвика огромна штета – не само за земјоделците, туку и за државата.

„Штетата ќе биде повеќекратна. Можно е и Европската Унија целосно да го раскине договорот. Ако ни се одземе независното управување со ИПАРД, тоа значи загуба од 100 до 130 милиони евра годишно. Тоа се милијарди на долг рок“, вели тој.

Битиќи очекува брза и транспарентна разврска, без разлика „кој е вклучен, од која партија е или на која структура припаѓа“.

Говорејќи за оставката што ја поднесе по поразот на парламентарните избори, Битиќи вели дека тоа било прашање на лична морална одговорност.

„Секогаш сум се водел од лична одговорност. Чувствував морална обврска да поднесам оставка како потпретседател на СДСМ. Верувам дека и сегашното раководство треба самостојно да процени дали има одговорност во резултатите од локалните избори. Не секогаш вината е во колективните органи – одговорноста е и индивидуална“, истакна Битиќи.

Според него, ако државата сака да стане вистински кандидат за членство во ЕУ и да ја врати довербата во институциите, мора јасно да покаже дека борбата против корупцијата не е политичка парола, туку суштинска државна политика.