
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, жестоко ја критикуваше власта за, како што вели, нормализирање на насилството и мизогинијата во македонското општество.
„Во Македонија денес гледаме како насилството и омразата прераснуваат во политички нормализирано секојдневие. За жал, власта не е набљудувач, туку активен чинител во создавањето на атмосфера во која фемицидите и вербалните напади врз жените се третираат како ‘нормални’, а институциите молчат,“ изјави Битиќи.
Тој предупреди дека институционалното молчење е најопасна форма на соучесништво, бидејќи испраќа порака дека животот на жената не вреди.
„Нашето општество, сè повеќе се претвора во ксенофобичен монструм. Наместо различностите да се прифатат како сила, тие стануваат причина за напади, дискриминација и омраза. Жените се мета на насилство, младите живеат со несигурност, а граѓаните ја губат вербата во институциите што треба да ги заштитат,“ нагласи пратеникот.
Битиќи смета дека јавното понижување и мизогинијата кои стануваат дел од политичкиот дискурс се пораз за целото општество. „Македонија не смее да биде заробено општество на страв, туку демократска заедница на еднаквост и достоинство,“ порача тој.