Skip to main content
Економија, Македонија

Битиќи: Македонија се движи кон автократски модел на владеење, се задушува слободата на говор

04/03/2026  00:01

Екс-вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk упати сериозни критики кон актуелната власт, оценувајќи дека земјата се движи во насока на автократско управување и ограничување на демократските слободи.

„Би кажал дека имаме автократска влада, влада која сака да ја задуши слободата на говор и да врши политички прогон врз неистомислениците. Ако продолжи вака, не знам каков режим имале во Иран, не сум живеел таму, но сме гледале и слушале“, изјави Битиќи.

Тој направи паралела и со периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, посочувајќи дека не би сакал земјата повторно да се врати во, како што рече, „време на режим“.

„Добро се сеќавам на еден лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој ни приреди режим во нашата земја. Не би сакал да се вратиме во тоа време. По мене, постои сличност во стилот на владеење. Наместо по неколку години власт да се појават тие тенденции, сега тие се применуваат уште од самиот почеток“, рече Битиќи.

Според него, повеќе индикатори покажуваат дека актуелната власт не остава простор за луѓе со различни ставови, иако тие можат да имаат иста цел – подобрување на животниот стандард и условите во државата.

Во однос на споредбите со политички системи како оној во Иран, Битиќи нагласи дека конечната оценка за секоја власт ја даваат граѓаните.

„Ние можеме да правиме паралели врз основа на тоа што сме слушале и гледале, но на крајот граѓаните се тие кои најдобро оценуваат и прават споредби“, истакна тој.

Битиќи предупреди дека, доколку продолжи ваквиот тренд, постои ризик од дополнително стеснување на демократскиот простор и зголемување на политичката поларизација во општеството.