Skip to main content
Економија

Битиќи: Јавниот долг веќе изнесува 70% од БДП!

17/01/2025  19:14

Интегрален текст од соопштение на СДСМ:

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница истакна дека предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка, е обид на Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти и грешки поврзани со реализацијата на кредитот од Унгарија.

Парите се повлекоа, провизиите се платија, каматата почна да тече. 500 и повеќе милиони евра стојат на сметка. Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква, таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон било кој друг. Постои само капацитет за ефектуирање на провизии.  Дозволете ми да бидам и малку саркастичен, оваа задолжување е спроведено како некој на кредит да купил луксузен автомобил без да знае да вози. Го плативме автомобилот, плаќаме и за гаражата, но тој стои неподвижен, истакна Битиќи.

Тој потсети дека кога беше изгласан законот за задолжувањето претставниците на Владата, како и пратениците од владејачкото мнозинство емотивно зборуваа и аргументираа дека овие пари ќе бидат насочени кон инфраструктурен развој на општините,  развој на стопанството итн.

Но, до ден денес банкарските критериуми за пласирање не само што не се објавени, туку се чини дека не се ни дефинирани, оставајќи го стопанството во состојба на неизвесност и финансиска нестабилност. Компаниите, кои се двигател на економијата, се оставени на милост и немилост, без јасна поддршка од институциите кои треба да ги штитат нивните интереси. Доцнењето на повратот на ДДВ, кое сега достигнува рекордни суми, е само врвот на ледениот брег. Средствата предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се намалија, нагласи Битиќи, додавајќи дека Владата најавуваше дека средствата од првата транша од 250 милиони евра ќе бидат ефектуирани до крајот на 2024 година.

Ќе потсетам на еден  став на Владата од 25 ноември 2024 година, кога самоуверено најави дека „до крајот на неделата” 250-те милиони евра од унгарскиот заем ќе бидат достапни на стопанството. Денес е 17 јануари 2025 година, и парите сè уште се мистерија. Очигледно, во Владата календарите функционираат по некоја друга временска зона или можеби овие 250 милиони евра се само мит, приказна, рече Битиќи.

Тој нагласи дека со предложените измени, владејачкото мнозинство, реши да разоткрие уште една „историска” димензија поврзана со овој кредит, а тоа е воведувањето на механизмот препозајмување, како нов законски инструмент за  финансирање на  долгот на јавните претпријатија и на трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Она што не се зборува во образложението, а што е прикриена намера со овие измени, е создавање на можност дел од долговите на јавните претпријатија, кои се проценуваат на околу една милијарда евра, да се покријат со нереализираните средства од унгарскиот кредит. Се отвора пат за Владата само да ги префрла долговите од една каса во друга. Оваа политика не е ништо друго освен „финансиско перење раце” на грбот на граѓаните, кои на крајот ќе го сносат товарот на каматите и скриените трошоци, порача Битиќи.

Битиќи истакна дека додека парите од унгарскиот кредит стојат, Владата не стои, туку неодамна се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, претходно кон крајот на октомври 2024 година, кај домашните кредитори се задолжи со 73,7 милиони евра. 

Овде се отвора прашањето за финансиската транспарентност и капацитетот на Владата за управување со јавните пари. Сега е јасно зошто веб страницата „Отворени финансии”, која функционираше како алатка за транспарентност, сега е со нарушена функционалност. Уште поскандалозно е што делот за Јавниот долг – клучен елемент за јавен увид – е целосно исклучен. Овие технички проблеми не се ништо друго освен обид да се сокрие вистината: јавниот долг веќе изнесува над 70% од БДП, со тенденција за дополнително зголемување, рече Битиќи.

Тој нагласи дека ако вратата за влез на корозивен капитал беше подотворена, сега со овие измени таа е ширум отворена. 

Пред нас е обид да се легитимира задолжувањето кое беше извршено во „четири очи” со Унгарија, без јавна дебата, и да се создаде дополнителна законска рамка која нема да го заштити јавниот интерес, туку ќе штити странските влијанија. Парите од унгарскиот кредит, стануваат алатка за подлабока институционална зависност. Ова е класичен пример за корозивен капитал – финансиски средства кои на површината изгледаат како помош, но всушност создаваат институционална ерозија.  Корозивниот капитал е тивок напаѓач на демократските институции, и неговото присуство во економијата значи дека секој граѓанин ќе ја плаќа цената на коруптивните зделки. Но, очигледно, оваа Влада реши да ни покаже како изгледа „одржлив ризик” – ризик кој ќе го плаќаат идните генерации, истакна пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи од собраниската говорница.