
Влада која што политичкиот капитал го гради со ксенофобични наративи и провинцијален балкански комодитет не може да испорача резултати што Европската Унија ги признава, вели за рацин.мк пратеникот Фатмир Битиќи.
„Кога политичките и економските ставови веќе 18 месеци се кројат на таква матрица, институциите стануваат имуни на реформи, а јавните пари се претвораат во алатка за создавање на краткорочна лојалност наместо за овозможување на долгорочна економска вредност која ќе биде ослободена во државата. Овој вредносен дефект е последица на систем кој го подрива владеењето на правото, ја еродира меритократијата и ја замаглува системската транспарентност, односно власта покажува промашување во сегментите во кои ЕУ ги мери најважните перформанси на државата“, предупредува Битиќи.
Во овој политички контекст, според него, извештајот на ЕУ за 2025 година не е изненадување, туку реален одраз на состојбата која сите ја препознаваме – нема напредок во судството и антикорупцијата, правосудниот систем е со нарушена независност, постои кадровски дефицит и системски слабости што бараат јасни потези. Меѓу препораките Битиќи ги издвојува новиот Закон за парнична постапка, јакнењето на Судскиот совет во согласност со Венецијанската комисија и целосната функционалност на системот АКМИС.
„Иако земјата одржува висока усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е стратешки плус, сепак домашната реформска стагнација и изолација го неутрализира позитивниот геополитички сигнал кон ЕУ“, нагласува Битиќи.
Тој додава дека Европската комисија ѝ испраќа јасна порака на македонската економија дека и недостига кредибилен метод за креирање на политики – со јасни, јавни и доследно применети правила и постапки, за резултатите да бидат предвидливи и проверливи, а не импровизирани.
Од извештајот, како што вели, јасно произлегува дека фискалната политика се темели на оптимистички претпоставки, препораките од европскиот економски дијалог се спроведуваат ограничено, а интервенциите во независноста на клучни институции создаваат несигурност.
„Во суштина, економската слика може да се дефинира како ‘стабилност без длабочина’. Банкарскиот сектор е стабилен, но пристапот до капитал останува тесен, државните претпријатија генерираат фискални ризици, даночната администрација бавно се дигитализира, а пазарот на труд трпи од ниско учество – особено кај жените – недостиг на вештини и висока младинска невработеност. Социјалниот дијалог е слаб, трошоците за труд се непредвидливи, а продуктивноста не расте со темпото што ни е потребно“, вели пратеникот.
Во однос на тоа што овие забелешки значат за граѓаните, Битиќи за Рацин.мк објаснува дека тоа ќе донесе помалку долгорочни инвестиции, поскапо финансирање за бизнисите, помалку квалитетни и добро платени работни места и побавен раст на платите, со зголемени ризици од загуби во јавните компании кои на крај ги плаќаат граѓаните.
„Преводот на европските забелешки е едноставен – тие бараат да се зајакне владеењето на правото во економијата, да се забрза дигитализацијата и професионализацијата на администрацијата, како и секоја јавна реформа да се врзе за мерливи резултати: повеќе инвестиции, повисока продуктивност и подобри работни места. Само така европските извештаи ќе станат признание за зрелост, а не листа на системски пропусти“, потенцира Битиќи.
Тој потсетува дека извештајот се објавува токму во период кога започнува подготовката на Буџетот за 2026 година, што дополнително ја нагласува политичко-економската состојба во земјата.
„Начинот на кој буџетот се турка ‘на мала врата’, без кредибилни и инклузивни консултации со буџетските корисници и без врзување за мерливи, среднорочни приоритети, е практична илустрација на забелешките на ЕУ. Наместо фискална рамка што носи предвидливост и продуктивност, добиваме политички кроен документ. Така буџетот за 2026 година од инструмент за развој станува огледало на институционалните слабости нотирани во извештајот“, заклучува пратеникот Фатмир Битиќи.

