
Соопштение за јавност на СДСМ:

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, а се однесуваше на доцнењето на повратот на ДДВ. Исто така потенцираше Битиќи, дека одредени компании добиваат приоритет при поврат на ДДВ, додека други, кои исто така имаат еднакви законски права, се оставени да чекаат.
Во продолжение интегрален текст од прашањето:
Како економисти не можеме да го занемариме фактот дека ликвидноста на компаниите е клучниот мотор што ја движи економијата напред. А кога компаниите немаат пристап до финансиските средствата што им следуваат законски, односно не им се враќаат навремено, се создава синџир на потешкотии кој не ги погодува само нив, туку и вработените, работниците, нивните семејства и целото општество.
Според информациите што пристигнуваат од различни делови на стопанството, повратот на ДДВ доцни меѓу 6 и 9 месеци. Дополнително, имам информации, кои за жал, веројатноста е голема дека се вистините со оглед на факт дека недостасува транспарентност во делот на извршувањето на законските буџетски обврски, а се однесуваат на тоа дека одредени компании добиваат приоритет при поврат на ДДВ, додека други, кои исто така имаат еднакви законски права, се оставени да чекаат. Кој ќе ја добие милоста или суровоста од Владата, како што сум информиран, се одлучува во партиски штабови. Се правата „приоритетни листи” за поврат на ДДВ и останати финансиски обврски, односно компаниите се вреднуваат според политичката подобност.
Еден од основните постулати на демократското владеење е дека ликвидноста на фирмите не треба да биде прашање на политичка волја или партиска наклонетост, тоа е прашање на фер економска политика и на одговорност кон јавниот интерес. Секоја неплатена фактура, секој задоцнет поврат на ДДВ е потенцијален ризик за опстанок на илјадници претпријатија, за задржување на работните места, за стабилноста на платите на вработените.
Не смееме да го занемариме и фактот дека, иако Владата ја најави поддршката за стопанството преку унгарскиот кредит како инструмент за свеж капитал, реализацијата досега е помалку од 50% – исплатени се само 125,8 милиони евра за осум месеци, што е помалку од акумулираниот долг на државата кон стопанството од над 150 милиони евра само по основ на задоцнет поврат на ДДВ и други неплатени, а доспеани обврски. Значи, кога зборуваме за поддршката на Владата кон стопанството, тогаш тоа е „во минус” од 24,2 милиони евра, што најдобро зборува за длабоката неусогласеност помеѓу политичките најави и реалната состојба на бизнисот. Компаниите се оставени сами да се снаоѓаат, како што знаат и умеат за да опстојат и осигурат егзистенцијата на илјадници вработени.
Во оваа смисла моето прашање е кога министерството за финансии ќе обезбеди поврат на ДДВ и на останати доспеани побарувања кон сите компании, без политички приоритети, и дали конечно ќе се стави крај на оваа практика со доцнење? И колку должи државата по основ на доспеани, но неисплатени обврски кој стопанството.