
„Овој буџет и тоа како е различен од сите претходни буџети, независно дали ги носела ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, поради две причини – прво, тоа е прв буџет во историјата што се носи на октроиран, односно наметнат начин, и второ, направен е преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15 отсто,“ изјави пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, гостувајќи во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
Битиќи оцени дека ваквото намалување е загрижувачко и постави дилема дали тоа е резултат на недостаток на институционален капацитет или недоволна подготвеност за спроведување реформи.
„Во тековната година имаме само 46 отсто реализација на капиталните инвестиции. Тоа е максимумот што институциите можат да го постигнат без вистински исчекор. Затоа прашањето не е зошто се намалени инвестициите, туку зошто ги нема проектите за кои владата зборуваше,“ рече тој.
Битиќи потсети и на најавите за Меморандум за соработка со Велика Британија, преку кој требаше да се отвори финансиска рамка од шест милијарди евра.
„А каде се тие проекти? Во буџетот стои ставка за Клинички центар во Штип и во Скопје со само 3,5 милиони денари. Со тие пари не можете ни студентски дом да изградите, а не Клинички центар,“ нагласи Битиќи.
Тој на крај праша дали ова што го предлага Владата е вистински предлог-буџет за 2026 година или само „претбуџет“ без реална содржина и визија.

