
Постапките за одземање на лиценца за било која дејност и за било кој сектор се строго пропишани во Законот за енергетика и сето тоа е преточено во Правилникот за лиценцирање. На истиот начин како што сме ги воделе постапките за компанијата која што е посочена, во истиот период се водени исти постапки, со исти рокови и за останати компании, не само во делот на секторот за нафтени деривати, туку истото го правиме и во секторот за електрична енергија, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција, откако утринава Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба и овластување.
Бислимоски потенцираше дека во РКЕ не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.
– Буквално истите постапки ги применуваме за сите сектори од областа на енергетиката. Она што сакам да го кажам е дека овие постапки се утврдувани од сериозен тим во Регулаторната комисија за енергетика. Никогаш, ама буквално никогаш, немало повластена компанија или пак компанија за која што се водени постапки спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање, рече Бислимоски.
Во однос на поднесената кривична пријава, тој рече дека ќе го следи целиот процес и ќе ги стави на располагање сите информации до надлежните институции, уверувајќи дека нема прекршување на законската регулатива.
– Во наредниот период ќе се обидам да го докажам, ќе го следам целиот процес кој се случува, и нема да дозволам на ниту еден начин, имајќи предвид дека сум и татко, и сопруг, и брат, и пријател, да биде извалкано моето име. Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање, нагласи Бислимоски.
На новинарско прашање за можни политички мотиви зад пријавата, Бислимоски одговори дека за тоа треба да се прашаат подносителите и дека времето ќе покаже дали имало политички притисоци.
РКЕ, истакна Бислимоски, во изминатиот период била оценета како една од најдобрите регулаторни тела во рамките на Енергетската заедница, поради, како што рече, примената на пропишаните постапки и процедури.
– Регулаторната комисија за енергетика во изминатиот период беше прогласувана за најдобра регулаторна комисија за енергетика во рамките на Енергетската заедница, токму поради тоа што ги применувала добрите постапки и процедури кои што биле образовни и за Регулаторната комисија за енергетика, исто така и за останатите институции во енергетскиот сектор. Јас уште еднаш сакам да кажам дека се водени апсолутно истите постапки, и ден-денес кога водиме други постапки во делот на електричната енергија за запирање на некоја постапка, се водиме по истиот Закон за енергетика и по истиот Правилник за лиценцирање, истакна Бислимоски.
Во врска со прашањата за наводно спречено одземање на лиценца и за роковите во времетраење од 15 месеци, Бислимоски појасни дека постапките се спроведувале идентично за повеќе компании, при што, нагласи, кај дел од нив завршиле со одземање на лиценцата, а кај други не, доколку во текот на постапката се утврдело дека не се исполнети условите за одземање.
– Во истиот период кога се води постапката за одземање на лиценцата на таа компанија што се споменува, се води и за други компании буквално истата постапка. Некои завршија со одземање на лиценца, меѓутоа имаше компании на кои им беше одземена лиценцата, а некои компании кои што во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена … не само во делот во областа на нафтените деривати, туку и во делот на електричната енергија и таму каде што имаме понекогаш за природни гасови, апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури … во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така, рече Бислимоски.
На прашање дали се одредувани и некакви дополнителни рокови за отстранување на некои недостатоци кај компанијата, Бислимоски дециден – „Не сум правник, тоа што ми било кажано од правните служби, во кои што цврсто верувам и апсолутно сум сигурен дека е тоа точно, истото е применето, немало различен пристап за различни компании“.
