
Кандидатката од Независни заедно за градонашалник на општина Центар екс антикорупционерката Биљана Ивановска преку фејсбук се заблагодари за подршката што ја добивала таа и независни заедно во услови кога како што потенцира немале тв реклами со само 1500 евра донација од ЕУ наспроти големите партии кои потрошиле милиони евра кои ги користеле и за да на секој начин оневозможат фер избори.
Таа сепак смета дека успеале да допрат до критичната маса која ја имаат центарци а која не размислува по партиските шеми и дека е свесна дека борбата со париите е голема но како што порачува „Една битка не е изгубена војна“. Еве што Ивановска напиша како оценка односно нејзино искуство од вчрашните локални избори во кои учествуваше и таа.
Драги мои сограѓани
Огромна благодарност за поддршката што ми ја дадовте, што препознавте во мене и во Независни заедно опција која се бори за нас, за граѓаните.
Од начинот на гласањето и организирањето на изборниот процес можете да видите што значи да немаш партија и да не си рамноправно вклучен во изборниот процес. Недостатокот на нашето лого направи многу забуна. Ни пишуваа поддржувачи во текот на вчерашниот ден.
Сепак сметаме дека обединивме огромен број на свесни граѓани кои нема да ги изневериме.
Овој резултат е без реклами на телевизиите, без делење запалки по врати, со избегнување на дебатни емисии и 1.500 еу донација. Освоивме 4.465 гласа или 20% од гласовите и парираме на големите партии кои потрошија милиони евра и ги користеа сите начини да оневозможат фер избори.
Правната неизвесност за независните кандидати, различните броеви на кандидатските листи а на крајот и гласачко ливче без нашето лого само потврдува дека борбата не е нималку лесна ниту рамноправна.
Охрабрува фактот дека Центар има критична маса што не размислува по партиска шема и е свесна дека промените сами треба да ги направиме, а системот е крив само тогаш кога сме неми и беспомошни набљудувачи и на урбаниот хаос, на ѓубрето, на загадениот воздух, на пожарите и на сообраќајките и на нашето грдо секојдневие како и на корупцијата.
Една битка не е изгубена војна. Борбата продолжува, пишува таа.