Skip to main content
Македонија

Билал Суџубаши избран за претседател на Управниот одбор на Меѓународниот балкански универзитет

09/02/2026  13:42

Меѓународниот балкански универзитет го именуваше доц. проф. д-р Билал Суџубаши за нов претседател на Управниот одбор, со што започнува нова фаза во развојот на институцијата, насочена кон унапредување на квалитетот на образованието и зајакнување на меѓународната соработка.

Одлуката беше донесена на годишниот состанок на Одборот на доверители на Фондацијата „ÜSKÜP“ и Управниот одбор, кој се одржа на 7 февруари 2026 година во Истанбул.

Со цел дополнително зајакнување на управувачката структура и обезбедување долгорочна стабилност, беа избрани и нови состави на Управниот и Надзорниот одбор. Нови членови на УО на Универзитетот се и Ајдован Адемоски, Есер Џевахир, Салих Мурат, Мурат Киркан, Сулејман Каракуш и Кенан Мазлами.

Во знак на признание за долгогодишниот придонес, досегашниот претседател Реџеп Сулејман Оздил беше именуван за почесен претседател.

Со оваа одлука, Универзитетот добива раководство со силна академска визија, меѓународно и локално искуство, како и со јасна определба за унапредување на квалитетот во високото образование. Новото раководство ќе работи на понатамошна интернационализација, модернизација на наставните програми и унапредување на студентскиот стандард.

Суџубаши има богата, повеќедецениска кариера во банкарскиот сектор, образованието и во унапредувањето на локалната и регионалната бизнис заедница. Од 2017, па до август 2025 година ја извршуваше и функцијата Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. По што, тој беше  назначен за Главен извршен директор на новата Халк Катилим Банка во Р. Туркије.

Со новото раководство, Универзитетот останува посветен на својата мисија, создавање квалитетни кадри, поттикнување на критичко размислување и градење општество базирано на знаење.