Skip to main content
Хроника

Безбедно отстранета рачна бомба во кривопаланечко, останала од Втората светска војна

29/05/2025  17:06

Рачна бомба од германско производство од Втората светска војна е пронајдена денеска во месноста Маала Лубарци кај селото Длабочица во општина Крива Паланка. Бомбата, како што информира Дирекцијата за заштита и спасување, е безбедно отстранета, а претставувала сериозна опасност за жителите.

„За нејзино безбедно отстранување е ангажиран искусниот пиротехничар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, од Битола, којшто со помош на негов колега прво врши испитување да не се случи самоактивирање на неексплодираното опасно експлозивно средство. Потоа, одбранбената рачна бомба е безбедно подигната од локацијата на пронаоѓање и пренесена на безбедно место, од каде што потоа таквите НУС се носат во оптимално време, според термини и можности на уништување, информираше попладнево Дирекцијата за заштита и спасување.

Оттаму апелираат да се следат препораките и информациите што ги објавуваат медиумите и во вакви случаи да не се поместуваат работите кои личат на неексплодирани убојни средства, туку да се пријават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).