Skip to main content
Македонија

Без струја, греење и топла вода: Студентите во „Никола Карев“ 12 часа во мрак

09/02/2026  22:57

Студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид веќе 12 часа се соочуваат со сериозни услови за престој, откако објектот останал без електрична енергија. Според информациите објавени на Инстаграм профилот „Студентарија.мк“, студентите во моментов се движат и учат со свеќи, во целосна темнина, без официјална информација кога ќе биде нормализирано снабдувањето со струја.

Освен без електрична енергија, студентите останале и без греење и топла вода, што дополнително ја отежнува ситуацијата, особено поради ниските температури во зимскиот период.

Во објавата се наведува дека постои можност студентите и ноќта да ја поминат во вакви услови, а во видеото што се споделува на социјалните мрежи се посочува дека проблемот најверојатно е поврзан со неплатени сметки. Засега нема официјална потврда од надлежните институции за причините за прекинот и за тоа кога ќе биде воспоставено нормално снабдување со електрична енергија.