Skip to main content
Магазин

Бесплатен влез, над 30 музички ѕвезди и хуманитарна мисија на Д ФЕСТИВАЛ во Штип

22/05/2025  17:26

Д ФЕСТИВАЛ, најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија оваа година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.

Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која Фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Support Kocani“. Имено, Д Фестивал ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Support Kocani“. Овие билети од денеска се достапни во продажба онлајн на веб-страницата МкТикетс, на овој линк: https://mktickets.mk/event/d-festival-2025/ .

Хуманитарната мисија на Д Фестивал е акт на солидарност, сочувство и обединување, по трагедијата што ни се случи во Кочани – трагедија што нè потресе сите, без разлика дали сме дел од музичката сцена или од пошироката заедница.

“За Д Фестивал, кој отсекогаш се залагал за заедништво, за безбедност и поддршка, суштински е да се реагира на секој можен начин, за помош онаму каде што е најпотребно, но и понатаму, за носење на иницијативи кои ќе придонесат во општото функционирање, зголемување на безбедноста, културното издигнување и одговорноста во нашата заедница.

Во оваа насока, го потенцираме нашиот став дека Д фестивал не е само простор за забава и уметност, туку и платформа за добрина, поддршка и заедничко делување. Веруваме дека културата има сила да сплотува и да ги поттикнува токму тие вредности. Па затоа ова лето, заедно ќе бидеме дел од едно поинакво, посветено издание на Д Фестивал.“ – кажа тимот на „Пасворд Продакшн“, организаторот на Д Фестивал, на денешната прес-конференција која се одржа во Штип.

На прес-конференцијата учествуваше и градоначалникот на Општина Штип, господинот Иван Јорданов, кој во оваа прилика изјави: „

Горд сум што брендот Д Фестивал заедно со Пасворд Продукција која го организира сите овие години го донесовме во Штип и се надевам дека ова е еден убав почеток на успешна приказна за градот. Со Д Фестивал, градот Штип ќе ја прошири својата културна понуда и во летниите месеци, а верувам дека со овој фестивал, Штип ќе добие и една нова можност за културен туризам. Значењето на Д Фестивал ќе биде големо за нас како град и за локалната економија со тоа што илјадниците гости на Д Фестивал ќе ги користат нашите капацитети за време на фестивалот.“

На денешната прес-конференција беше презентирана и музичката програма на Д Фестивал 2025 која ќе се одвива на двете најголеми бини на овој фестивал, Главната бина и „Москито Стејџ“ каде што во трите вечери, од 4 до 6 јули ќе настапат повеќе од 30 музички изведувачи.

Најголем дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој ќе настапи заедно со TK WONDER и ROOTSMAN I, МИЗАР, ФОЛТИН, ЉУБОЈНА, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ПАРКЕТИ.

Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: ДИНА ЈАШАРИ, PEACH VICE, DOPE KUKJATA, Последен удар, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана.

Од светските ѕвезди, на Д Фестивал доаѓаат британските дарк-рок пионери THE SISTERS OF MERCY! Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.

Од Јамајка во Штип ни пристигнуваат и вистинските легенди INNER CIRCLE! Со хитови како “Bad Boys”, “Sweat (A La La La La Long)” и многу други, ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.

Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд SOULFLY, предводен од славниот Макс Кавалера.

Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на Д Фестивал со третопласираниот артист од финалето, TOMMY CASH, рап изведувачот, танчер и визуелен уметник од Естонија.

На Д Фестивал годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни БУЧ КЕСИДИ – убедливо највозбудливиот бенд на новата балканска поп-рок сцена и С.А.Р.С. – докажано еден од најомилените бендови на овие простори.

Кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители, од 4 до 6 јули во Штип.