Skip to main content
Балкан

Бериша првиот изборен митинг го одржа во Тирана: Се издигнавме како феникс за да одиме до победа и величествена Албанија

12/04/2025  07:46

На официјалниот почеток на изборната кампања за парламентарните избори на 11 мај,  синоќа изборен митинг одржа опозициската изборна коалиција “Алијанса за величествена Албанија” предводена од Демократската партија на Сали Бериша.

Коалицијата  ја сочинуваат уште 25 помали политички партии, меѓу кои и Партијата на слободата, на Илир Мета, Републиканската на Фатмир Медиу, како и партијата на грчкото малцинство, Партија за заштита на човековите права на Вангел Дуле.

Од плоштадот „Мајка Тереза” Бериша  во обраќањето меѓу другото му порача на својот опонент Еди Рама дека „доколку го допре гласот на Албанците, нема да постои место над земја за да живее”.

Тој, исто така, побара од премиерот да си замине со гласовите на 11 мај, бидејќи според Бериша, тој им нанел најголема штета на Албанија и Албанците.

-Една недела низ Европа го заковаа Еди Рама, ја заковаа наркодржавата. Побараа слободно даден глас. И јас му велам на Еди Рама не го допирајте гласот, бидејќи апсолутно нема да имате место над земјата. Заминете со гласовите на Албанците, затоа што и нанесовте голема штета на оваа држава, порача Бериша.

Тој додаде дека Рама си заминува со срам како најголемо зло по Енвер Хоџа во историјата на Албанците. 

-Ги поздравувам сите социјалисти кои решија да ни се придружат. Ги поздравувам сите Албанци за да ја претвориме од Албанија на болка, во мирна Албанија, од Албанија на разочарувањето во Албанија на мирот и напредокот. Се издигнавме како феникс за да одиме до победа која ќе ја донесеме сите заедно, Албанците тука и оние во дијаспората, нагласи тој.

Нагласи дека „Албанија е Албанија на вашата душа,  на вашата љубов кон неа, љубов кон семејството. Таа е вашата татковина”.

-Мои пријатели, ова е многу посебна ноќ затоа што вечерва дојдовме овде да ја започнеме нашата битка, битката за победа, битката за величествена Албанија, битка во која Албанија повторно се издига за подобар живот на сите, за младите да останат тука, рече тој.

Бериша на митингот пристигна во придружба на Крис Ла Цивита, кој ја води кампањата на опозицијата. Беа дочекани со овации од приврзаниците, кои носеа знамиња на Албанија, Америка и Европската Унија.

Во говорот Цивита користеше исти обвинувања како и опозицијата, велејќи дека „со Рама и владата земјата минала 12 години полни со неуспеси”.

Поранешниот советник на Трамп, кој ја водеше и неговата кампања, изјави дека социјалистите, исто како и во Америка, нема да можат да ја замолчат опозицијата и ги повика присутните да гласаат за Бериша доколку сакаат враќање на надежта.

-Кој е подготвен да ја направи Албанија величествена? Во 2024 година во САД, социјалистите се обидоа да го затворат Трамп, но не успеаја. Во 2025 година, овде во Албанија, социјалистите сакаат да ја стават во затвор опозиција и ќе пропаднат. Зошто? Затоа што немаат што да кажат за последните 12 години, 12 години криминал, 12 години дрога. Поминаа 12 години економски неуспех. Зошто да гласате за партија која ги предизвикала сите проблеми. Гласајте за Бериша. Вратете ја надежта, порача Ла Цивита.

Ако Бериша синоќа  ја почна трката за враќање на власт, денеска социјалистите на Еди Рама на плоштадот “Скендербег” ја почнуваат за освојување последователен четврт мандат.

Социјалистите на овие избори настапуваат под слоганот “Албанија во 2030 во ЕУ – единствено со Еди и СП”. Во коалиција е единствено со партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ), на Васил Стерјовски. 

Ова се 11-ти парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим, на кои учествуваат 11 политички партии и коалиции.