
Лидерот на опозициската Демократска партија на Албанија, Сали Бериша, најави формирање „широк фронт против нарко режимот на Еди Рама“ и повика на обединување на сите опозициски сили и влијателни фактори во општеството. Тој информираше дека в петок опозицијата ќе организира состанок со сите релевантни политички субјекти, со цел, како што рече, „да се создаде широк фронт против нарко режимот на Еди Рама и да се преземат сите движења, протести, демонстрации, бунтови потребни за негово отстранување“.
„Ова е голем повик за Албанците да се кренат на бунт за да му го дадат на својот нарко диктатор истиот срамен крај што го имаше нарко диктаторот на Венецуела“, изјави Бериша.
Тој повтори дека Демократската партија инсистира на формирање техничка влада која би го подготвила изборниот процес и нагласи дека без таков договор нема да предлага кандидати.
„Откако ќе се постигне договор за техничка влада, без сомнение ДП ќе продолжи понатаму или ќе ги презентира своите предлози заедно со другите политички сили“, рече Бериша.
На крајот, тој најави дека опозицијата ќе организира уште помасовни и поинтензивни антивладини протести низ целата земја, не исклучувајќи ниту штрајкови со глад.

