
Лидерот на албанските демократи, Сали Бериша, на прес-конференција, обвини дека изборите на 11 мај се „најголемиот изборен грабеж во историјата“ и оти биле „диктирани од криминалот“.
-Изборите на 11 мај беа диктирани од криминал, владините криминални банди беа активни во 10 региони на Албанија, во 20 општини во земјата под покровителство на 30 пратеници од криминалното мнозинство. Тие беа најограбувани, најнерегуларни избори во целата изборна историја на плурална Албанија. Тие беа диктирани од криминалот, управувани од убијци, шверцери, насилници, обвини Бериша.
Демократската партија, додаде тој, ќе одржи протест за осуда на кражбата на изборите, на 16 мај, кога во Тирана ќе се одржува Самитот на европската заедница.
-Црната книга за овие избори ќе биде напишана на 16 мај, во 17 часот, на булеварот „Зогу Први“, за да се сензибилизира светското јавно мислење за монструозните злосторства на изборното чудовиште, Еди Рама, кој не почитува никакво меѓународно право за избори. Протестот ќе биде мирен. Гарантираме дека нема да има проблеми што би ја загрозиле безбедноста на високите гости, но сакаме тие да дознаат дека биле поканети од наркодиктатор кој не познава ниту закон, не ја почитува ниту волјата на своите граѓани, рече Бериша на прес-конференција.
На прашањето дали по изборниот пораз ќе поднесе оставка, одговори дека „ќе се почитува статутот на партијата“.
-ДП има статут и ќе се придржува до него, но има некои повисоки принципи, а тие принципи се слободниот глас на Албанците. Оваа партија ја продолжува битката за слободниот глас на Албанците, додаде тој.
Коалицијата „Алијанса за величествена Албанија“, предводена од ДП, од преброените гласачки ливчиња, од 5021 од вкупно 5225 гласачки кутии, има обезбедено 52 пратенички места, наспроти социјалистите на Рама кои имаат 82 места.