
Белорускиот опозициски лидер, Сергеј Тихановски, денес беше ослободен од затвор откако беше помилуван по речиси пет години зад решетки, објавува „Гардијан“.

Изненадувачкиот потег дојде неколку часа откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, го посети Минск и се сретна со белорускиот претседател Александар Лукашенко, контактот на највисоко ниво меѓу Вашингтон и белоруската влада од 2020 година.
Вкупно 14 белоруски политички затвореници беа ослободени денес, објави весникот „Наша нива“.
Белорусија ослободи 14 затвореници по посетата на специјалниот пратеник на американскиот претседател Кит Келог, изјави заменик-претседателот на Келог, Џон Кол, а веста ја потврди и портпаролот на литванскиот премиер, кој рече дека сите затвореници ослободени денес се безбедни во Литванија и добиваат соодветна грижа.
Тихановски, поранешен блогер кој разгоре анти-Лукашенко расположение пред претседателските избори во 2020 година, беше уапсен кратко време по објавувањето на својата кандидатура, а подоцна осуден на 18 години затвор за „поттикнување омраза и јавни немири“ во случај кој се смета за политички мотивиран.
Светлана Тихановскаја се кандидираше на местото на својот сопруг и се појави како водечки кандидат на опозицијата на изборите пред да избега од репресиите во Литванија, каде што оттогаш ги предводеше напорите за отпор кон режимот на Лукашенко.
„Мојот сопруг… е слободен! Тешко е да се опише радоста во моето срце“, напиша Тихановскаја на платформата X, каде што објави и видео на кое го прегрнува својот сопруг.
Таа им се заблагодари на Трамп и Кит Келог и на „сите европски сојузници“ за нивните напори да го ослободат нејзиниот сопруг.
„Не сме завршиле. 1.150 политички затвореници се уште се зад решетки. Сите мора да бидат ослободени“, додаде Тихановскаја.
Белорусија ги доживеа најголемите протести досега во летото 2020 година, со повеќе од 200.000 граѓани кои излегоа на улиците за да демонстрираат против спорните претседателски избори, на кои Лукашенко тврдеше дека освоил 80 проценти од гласовите.
Според „Гардијан“, насилното задушување од страна на безбедносните сили на Лукашенко го направи уште поголем отпадник на Западот и го доближи до Москва, трансформирајќи ја Белорусија во вазална држава на Русија, сојуз што се покажа како клучен за рускиот претседател Владимир Путин кога земјата стана појдовна точка за неговата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, објави британскиот весник во својата анализа.
Во текот на изминатата година, режимот на Лукашенко помилува повеќе од 250 политички затвореници, потег што некои го сметаат за обид за ублажување на меѓународната изолација на Белорусија, а неколку познати политички затвореници остануваат зад решетки, вклучувајќи ги Марија Колесникова и Виктор Бабарик.