Skip to main content
Хроника

Белгиски пар фатен со половина милион евра злато на Аеродромот во Скопје

07/04/2025  14:11

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца белгиски државјани, кои се осомничени за соизвршителство на кривичното дело „Криумчарење“ согласно член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, маж и жена од Антверпен, на 6 април пристигнале во Македонија со лет од Виена, избегнувајќи ја царинската контрола на Аеродромот во Скопје. Тие пренеле непријавени стоки, вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711,1 грама и вкупна вредност од 479.555 евра.

По поминувањето на пасошката контрола, осомничените се упатиле на зелениот канал, кој е наменет за патници без стока за пријавување. Но, при селекција од страна на царинскиот службеник, било забележано дека во нивните куфери има празни кутии за накит и други непријавени предмети. Потоа, второосомничениот признал дека патува со својата сопруга која прво преминала пасошка контрола. Откако се вратила, при дополнителниот преглед во нејзиниот ранец бил пронајден златен накит.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двата осомничени странски државјани, поради големата вредност на криумчираната стока.