
Припадници на белгиската полиција утрово извршија претреси на повеќе локации ширум Белгија, вклучително и во седиштето на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), во рамки на истрага поврзана со наводна злоупотреба на средства на ЕУ.
Како што јави „Еурактив“ повикувајќи се на изјави на очевидци и на извори поврзани со истрагата, покрај во ЕЕАС, претреси биле извршени и во седиштето на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж, како и во неколку приватни домови.
При акцијата се запленети документи и се уапсени три лица под сомнежи за измами со јавни набавки, корупција и судир на интереси. Идентитетот на уапсените не е соопштен.
Очевидци тврдат дека десетина полицајци во цивилна облека утрово околу 7:30 часот влегле во седиштето на ЕЕАС. Официјален претставник на ЕУ за „Еурактив“ ги потврдил информациите за извршен претрес во дипломатската служба на блокот.
Некои белгиски медиуми објавија дека, според неофицијални податоци, меѓу приведените е и поранешната потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини.

