
На граничниот премин „Блато” на македонско – албанската граница кај Дебар, приведен е албански државјанин баран со потерница од Интерпол Италија.
-Синоќа, во 22.05 часот на Граничен премин „Блато”, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Џ.С.(29) од Република Албанија. При гранична проверка е констатирано дека се бара од Интерпол Италија, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.
Додаде дека лицето Џ.С. е предадено во полициската станица Дебар за понатамошна постапка.
Во рамки на засилените контроли на овој премин, на кој за неколкупати е зголемена фреквенцијата на патници и возила, пред два дена беше приведен албански државјанин баран од Интерпол Норвешка.
Димоски, исто така информираше дека вчера во16 часот во ОВР Дебар е пријавено дека на улица „Веби Дибра“ во Дебар, Р.Ф.(52) од Дебар го нарушила јавниот ред и мир со физички напад врз И.П.(41) од Скопје. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.