
Автопатот Гостивар – Кичево ќе биде готов во рок, до крајот на 2029 година. По увидот на работите на делницата ,,два” што се простира од Гостивар до село Букојчани, оваа информација ја потврдија премиерот Мицкоски, директорот на ЈП ,,Државни патишта”‘ Коце Трајановски и министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Премиерот, Христијан Мицкоски искажа благодарност до соработниците и институциите кои, како што рече, имаат разбирање за приоритетот за изградбата на овој проект и неговото значење.
– Оваа Влада е целосно посветена на изградба на ваков тип на инфраструктура бидејќи поврзувањето, а и самата географска местоположба на државата треба да се искористи како предност, да се биде раскрсница во регионот е стратешка предност и како што кажа почитувана в.д. амбасадорка на САД во земјава, ние сме дел од НАТО Алијансата и на ова начин на реализирање на овие коридори се подобрува отпорноста и безбедноста во регионот, но и на Јужното крило на НАТО алијансата, изјави Мицкоски.
Министерот за транспорт и врски и вицепремиер посочи дека експропријацијата на имотите кои се на трасата е завршена речиси 90 отсто и тоа го оцени како успех, а финансирањето е навремено што директно влијае врз навремена реализација на овој проект.
– Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 отсто, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 отсто од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Пред нас има уште реализација и некаде на крајот на 2029-та година ќе можеме да го возиме овој автопат. Да кажам дека прогресот е добар и на автопатот којшто оди од Тетово до Гостивар и на автопатот којшто оди од Прилеп до Битола, истакна Николоски.

