
Финалето на 69-тото издание на Евровизија се одржа синоќа во Базел, Швајцарија. Победи преставникот на Австрија Џеј Џеј со песната „Wasted Love“.
Со резултат од 436 гласови, Австрија го освои својот трет Евровизиски натпревар.
Второ место беше песната „New Day Will Rise“ на израелскиот преставник Јувал Рафаел со 357 гласови.
Третото место му припадна на естонскиот преставник Томи Кеш, чија песна „Espresso Macchiato“ доби 356 гласови.

Кој е Џеј Џеј?
Џеј Џеј, чие вистинско име е Јоханес Пич, е контратенор роден во Виена во 2001 година. Детството го поминал во Дубаи, а по враќањето во Австрија во 2016 година, започнал да гради успешна кариера во класичната музика.
Музичкиот свет првпат го запозна преку австриското ТВ-шоу „Старманија“, каде во 2021 година стигна до финалето. Денес настапува во Виенската државна опера и студира класична музика на приватниот универзитет за музика и уметност во Виена.
Австрија и Евросонг: Историја со три победи
Австрија има долга историја на учество во Евросонг. Дебитираше во 1957 година, а првата победа ја оствари во 1966 година преку Удо Јиргенс и песната „Merci, Chérie“. Втората победа дојде дури во 2014 година со Кончита Вурст и нејзиниот моќен настап со „Rise Like A Phoenix“. Џеј Џеј сега ја донесе третата титула дома.