
Австралиските власти денеска затворија 30-километарски дел од крајбрежјето кај Сиднеј по трет напад од ајкула за два дена. Имено, затворањата следуваа кога вчеравечер еден човек беше каснат од ајкула, како што соопшти полицијата на Нов Јужен Велс. Повредениот е лекуван од сериозни повреди на ногата и е однесен во болница во критична состојба.
Советот на плажите во соопштението наведе дека сите 34 плажи во областа ќе бидат затворени до следното известување.
„Ги повикуваме пливачите и сурферите да ги следат информациите за затворање на плажите и да ги проверуваат информациите за статусот на плажите“, соопшти Советот.
Претходно вчера, ајкула му ја каснала штицата на едно момче кај населбата Ди Вај, а во неделата 13-годишно момче било нападнато додека пливало во близина на плажата Шарк во источниот дел на Сиднеј. Полицијата соопшти дека момчето било во плитакот кога било нападнато.
„Повредите, се верува, дека се од голема ајкула“, соопшти полицијата.
Видот на ајкулата останува неутврден. Момчето претрпело сериозни повреди на двете нозе и е однесено во болница во критична состојба.
Според официјалните податоци од 2025 година, во Австралија последниве 10 години просечно годишно имало 20-ина напади од ајкула со повреди, со просек од 2,8 смртни случаја.

