Skip to main content
Свет

Австралија го поттикнува антисемитизмот со признавање на палестинската држава, обвинува Нетанјаху

15/12/2025  10:11

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди вчерашниот вооружен напад на прославата на еврејскиот празник Ханука во Сиднеј, велејќи дека го предупредил својот австралиски колега дека поддршката на земјата за палестинската државност ќе го поттикне антисемитизмот.

Две вооружени лица отворија оган за време на прославата на првата ноќ на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, убивајќи најмалку 16 лица, посочија австралиските власти, во намерен  антисемитски напад. 

Еден од осомничените напаѓачи исто така беше убиен.

Нетанјаху рече дека пукањето било „ладнокрвно убиство“, додавајќи дека уште во август, во писмо до премиерот Ентони Албанезе рекол дека политиките на австралиската Влада го поттикнуваат антисемитизмот во Австралија.

„Вашиот повик за создавање палестинска држава само додава масло на антисемитскиот оган. Ги наградува терористите на Хамас и ги охрабрува оние кои им се закануваат на австралиските Евреи и ја поттикнува омразата кон Евреите што сега беснее по вашите улици“, се присети Нетанјаху на напишаното во писмото до Албанезе .

Австралискиот премиер на 11 август изјави дека Австралија има намера да признае палестинска држава на Генералното собрание на ОН во септември, по сличните најави од Франција, Велика Британија и Канада.

Во својот говор, Нетанјаху ја обвини владата на Албанезе дека „не презема ништо за да го спречи ширењето на антисемитизмот во Австралија“.

„Дозволивте болеста да се шири, а резултатот се ужасните напади врз Евреите што ги видовме денес“, додаде тој.

Албанезе уште вчера свика состанок на Советот за национална безбедност, осудувајќи го нападот и велејќи дека злото што сега е ослободено е „надвор од умот“.

„Ова е целен напад врз Австралијански евреи на првиот ден од Ханука, што треба да биде ден на радост, прослава на верата“, рече тој.

Пукањето на плажата Бонди е најстрашниот во серијата антисемитски напади врз синагоги, згради и автомобили во Австралија од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година.