
На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани од земјите на Блискиот Исток. Патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Со овој организиран лет од Обединетите Арапски Емирати започна процесот на евакуација на македонските државјани од регионот на Блискиот Исток, кој ќе се реализира преку комерцијални чартер-летови.
Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност да се вратат во земјата.
Процесот на евакуација е целосно координиран од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во соработка со дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се организирани чартер-летови од Саудиска Арабија, кои ќе ги прифатат македонските граѓани во Катар и Кувајт, а нивното пристигнување во Скопје се очекува во среда.
„Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија да пренесеме и нивни граѓани и да ги донесеме во Македонија“, изјави Мицкоски.
Според последните податоци, Амбасадата во Доха контактирала 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Во меѓувреме, Амбасадата во Абу Даби била контактирана од 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и од 36 лица во Кувајт, 15 во Бахреин и пет лица во Кралството Саудиска Арабија.

