Skip to main content
Останато

Атлетичарот Андреас Трајковски освои бронза на Балканијадата во Грција

27/07/2025  11:31

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски се закити со бронзен медал во дисциплината скок во далечина, остварувајќи скок од 7.77 метри во последниот обид на Балканијадата која се одржа во Волос, Грција.

Првото место и златото му припаднаа на домашниот атлетичар Милтиадис Тентоглу, кој е актуелен олимписки, светски и европски шампион, со најдобар скок од 8.07 метри. Сребрениот медал го освои Божидар Сарабујуков од Бугарија, кој е европски првак во сала, со резултат од 7.90 метри.

„Пресреќен сум што освоив бронза за Македонија. Ветерот претставуваше сериозен предизвик за сите натпреварувачи, па затоа сум искрено задоволен од скокот од 7.77 метри, особено во конкуренција со Милтос Тентоглу. Верувам дека со подобри услови, денес можеше да се постигне и резултат од 8.00 метри“, изјави Трајковски.

Оваа сезона, Андреас беше финалист на Европското првенство во сала во оваа дисциплина, каде го освои осмото место во Апелдорн, Холандија. Пред околу еден месец, тој триумфираше и на Европското екипно првенство во Марибор, Словенија.